Војводина на шопинг во Бундес лигата – се засили со српски репрезентативец!

Амбициозната екипа од Нови Сад, Војводина, која пред извесен период го ангажираше белорускиот репрезентативец, Борис Пуховски, продолжува да се засилува за новата сезона, во која ќе ја брани домашната титула и ќе се обиде да го врати Куп трофејот во свои раце.

Ново засилување, односно повратник во српскиот шампион е повремениот репрезентативец на Србија, Милош Грозданиќ. Искусното лево крило во редовите на Војводина ќе пристигне од германски Кобург, каде мина две сезони. Во првата сезона со Кобург играше во најсилната Бундес лига, додека во втората сезона беа дел од втората Бундес лига.

Грозданиќ како играч се афирмираше токму во редовите на Војводина. Со клубот од Нови Сад учествуваше и на европска сцена и во СЕХА лигата. Во регионалното натпреварување, во сезона 2018/19 беше лидер на стрелците, постигна 102 погодоци.

По одличните настапи во СЕХА лигата, доби статус на репрезентативец на Србија. 27-годишниот ракометар во својата кариера настапуваше и за екипата на Врбас. По првото интернационално искуство реши да се врати во екипата на Војводина.

Раководството на Војводина за новата сезона освен Пуховски и Грозданиќ, ангажираше уште неколку квалитетни засилувања. Во српскиот шампион во новата сезона ќе настапуваат и Живан Пешиќ, Марко Васиќ, Фран Лучин, Марин Бунета и репрезентативецот на Тунис, Идрис Идриси.