Ветеранот Раул Ентрериос е капитен, но и рекордер на Шпанија

Со одигрувањето на пријателскиот натпревар против селекцијата на Аргентина, репрезентацијата на Шпанија ја заврши ЕХФ неделата за подготовки, а доби и нов рекордер во однос на настапи во националниот тим.

Централниот бек на Барселона, кој е капитен на репрезентацијата на Шпанија, Раул Ентрериос стана нов рекордер на „фуријата“ според бројот на одиграни натпревари во дресот со државниот грб. Тој го помина легендарниот голман, Давид Баруфет и успеа да стигне до својот 281 натпревар.

Голема е веројатноста дека Ентрериос ќе стигне и до 300 настапи бидејќи до крајот на годината претстојат уште средби од ЕХФ купот, а му претстои и настап со Шпанија на Олимписките игри во Токио.

Според последните информации после Олимпијадата најверојатно ќе ја заврши репрезентативната кариера.

Ентрериос е дел од селекцијата на Шпанија од 27 јуни во 2003 година. Со Шпанија стана светски првак во 2005 година, а првак на Европа во 2018 и 2020 година. Има и бронзен медал од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година.