Вардар чекори кон триумф, има плус пет на пауза против Еурофарм Пелистер

Во моментов во СЦ „Јане Сандански“ се игра големото дерби на македонскиот ракомет меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер. На пауза „црвено-црните“ водат со 17-12. По стартните 3-3, домашниот тим успеа да направи предност од плус три и да поведе со 6-3 преку Чупиќ, Георгиевски и Калараш.

Беше и 7-4, битолчани намалија на 7-6, имаа шанса и да израмнат, но Дисингер зголеми на 8-6. Имаа гостите неколку избрзани шута, па беа казнети за тоа и Вардар по дваесетина минути повторно имаше плус три, 10-7.

Тајм-аутот на Бабиќ не вроди со плус, вардарци играа добро во одбраната, а Дибиров и Георгиевски потоа казнија уште две грешки за највисоки плус пет, 12-7. Имаа домаќините и плус шест, 13-7, пред битолчани преку Граџан и Мандалиниќ од пенал да успеат намалат на 13-9.

Серијата на гостите од три гола за 13-10, беше причина за тајм-аут на Алушовски. Чаневски му одбрани шут на Дибиров во следната акција, а Велковски набрзина погоди за 13-11.

Дисингер упати една бомба во битолската мрежа за прекин на нивната серија голови за 14-11, а по грешката на Мандалиниќ, истиот играч зголеми и на 15-11. До крајот на полувремето уште по некој гол на двете страни за 17-12 за Вардар.