Вардар уште нема осминафинале, ќе мора да победува за да оди во елиминации

Ракометарите на Вардар вчера загубија на гостувањето кај Кил со 23:34, но со оглед на разликата во однос на Мотор Запорожје и Мешков Брест  немаше опасност за губење на 6. позиција во Групата Б.

Вардар има 9 бода, но очигледно го губи чекорот за позиција погоре така што ќе има навистина тежок противник во осминафиналето и мисија која ќе биде максимално тешко.

Сепак, за да се обезбеди дефинитивно и 6. позиција која води кон елиминациите ќе мора да се одработи на ниво и на последните три натпревари да бидат освоени барем два бода иако и со нив нема да биде сигурно. Мотор Запорожје и Мешков Брест уште имаат шанси да го стигнат Вардар или да се израмнат со Порто, па затоа мора да се биде максимално на ниво.

Затоа на 15 февруари во СЦ „Јане Сандански“ против Мотор Запорожје, против Порто на гостински терен на 22 февруари и на 29 февруари во Скопје против Монпелје е потребна барем една победа. Работите можат да бидат олеснети доколку Мешков и Мотор загубат на некој од следните натпревари, а викендов ќе имаат меѓусебна пресметка во Запорожје. Тогаш ќе се види кој од нив ќе продолжи да биде следбеник на Вардар во трката за осминафинале.

Кога се работи за противникот кој ќе го има тимот што ќе заврши на 6. позиција тоа не дава многу оптимизам бидејќи тука во комбинација се Барселона, Пик Сегед и ПСЖ кои се во разлика од два бода. Вардар има шанси и за подобар пласман, но ќе мора да ја поправи играта која вчера ја покажа против Кил.