Вардар тргна добро, има плус два на полувреме против Загреб

Ракометарите на Вардар го играат клучниот натпревар за обезбедување место во осминафиналето во Лигата на шампионите и на полувреме водат против хрватскиот првак Загреб со 11-9.

Стартот беше според очекувањата, се играше гол за гол, па ниту една од двете екипи не успеваше да се одлепи на повеќе од еден гол предност.

Ристовски одбрани пенал на Чупиќ, кога беше 3-3, но потоа и Дбиров промаши од истата позиција на спротивната страна.

Руското лево крило промаши и една контра, но и гостите грешеа па остана минималната предност за нив 5-6 по петнаесетина минути игра.

Одбраната на Вардар беше одлична во продолжение, па не дозволи да биде совладана десетина минути, а во нападот беа прецизни Њокас и Георгиевски за плус два, 8-6.

Загреб повторно згреши, а Валчак реализираше за 9-6. Истиот играч зголеми и на 10-7, но следуваа две грешки во нападот и Загреб веднаш намали на 10-9. Сепак за плус два на полувреме се погрижи полскиот пикер со лоб ударот во мрежата на Славиќ за 11-9.