Вардар останува без тренерот на голмани: Периќ се сели кај Милосављев во Фуксе Берлин!

На крајот на оваа година европскиот шампион Вардар ќе остане без тренерот на голманите Дејан Периќ. Легендарниот српски чувар на мрежата, кој беше и селектор на машката репрезентација на неговата татковина, заминува во бундеслигашот Фуксе Берлин.

Во овој тим брани Дејан Милосављев, еден од „пулените“ на Периќ и голман чиј напредок беше евидентен под негово водство.

Нема сомнеж дека Милосављев ја одиграл клучната улога кај раководството на Фуксе Берлин да испрати понуда до Периќ. Таму игра уште еден поранешен вардарец, Мијајло Марсениќ.

Периќ дојде во Вардар во 2018 година, кога си замина Арпад Штербик и имаше голем удел во освојувањето на титулата во Лигата на шампионите. „Црвено-црните“ веќе се во потрага по нов тренер на голманите кој од јануари ќе работи со Борко Ристовски, Марко Кизиќ и Робин Кантегрел.