Вардар од Кисела Вода тргна по одбрана на дуплата круна (ФОТО)

Македонскиот шампион Вардар денес во салата при ОУ „Круме Кепески“, во Кисела Вода, ги започна подготовките за новата сезона, во која ќе има голем предизвик да ја одбрани дуплата круна на домашна сцена.

Новиот предводник на „црвено-црните“, Владо Недановски за новата сезона ќе може да смета на искусните Томовски, Чувара, Ѓукиќ, Талески, Гаџа и Моралес. Поранешниот голман на македонската репрезентација Борко Ристовски ќе биде тренер на двајцата голмани, Томовски и Гогов и ќе брани доколку биде потребно.

Како што е веќе познато, македонскиот шампион за новата сезона се засили со Милан Лазаревски и повратникот во вардаровиот табор Стефан Атанасовски. Двајцата ракометари настапуваат на позицијата кружен напаѓач, позиција на која Вардар го има и искусниот Стојанче Стоилов.

Од тимот кој ја освои шампионската титула во домашниот шампионат, како и Куп трофејот во минатата сезона, си заминаа браќата близнаци Кевин и Оливие Њокас, Тимур Дибиров, Патрик Валчак, Жереми Тото, Стефан Крстевски, Костадин Петров, Бакари Диало…

Вардарци во новата сезона освен во домашниот шампионат ќе учествуваат и во СЕХА Лигата, каде во четвртфиналето за противник го имаат хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице.