Вардар лесно до полн плен во Неготино

Ракометарите на актуелниот македонски шампион Вардар, со победа ја отворија новата сезона во Супер лигата, откако славеа на гостувањето кај новајлијата во елитната конкуренција, Вардар Неготино, со убедливи 38-25.

По десетина минути беше 6-1 за Вардар и стана јасно каков тек ќе има овој натпревар. Домашниот тренер Глигоров побара тајм-аут, па неговите избраници заигра подобро во нападот и успеаја да ја преполоват негативата, 12-9.

Сепак во продолжение нападот не функционираше, па вардарци јасно ставија до знаење кој е кој на овој натпревар. До крајот на полувремето постигнаа девет, а примија четири и уште во првиот дел го решија победникот, 21-13.

Во второто полувреме поставите се измешаа на теренот, но предноста во полза на „црвено-црниот“ тим само се зголемуваше. На крајот убедлива победа без поголеми проблеми во Неготино со 13 гола разлика.

Кај Вардар сите освен голманите Гогов и Томовски се запишаа во листата на стрелците, а најдобри беа Моралес со седум и Манасков со пет гола, додека кај Вардар Неготино се истакнаа Кочаров и Ташев со по пет гола.