Вардар и Мотор се изнадаваа голови, но бодовите останаа во „Јане Сандански“

Ракометарите на Вардар имаа успешна генералка пред гостувањето во Полска кај Келце, а вечерва на свој терен беа подобри од Мотор Запорожје во рамки на СЕХА-лигата и славеа со 44:37. „Црвено-црните“ имаа тешка средба, но и покрај тоа успеаја да се изборат за добар резултат и на крај да се радуваат на нови три бода.

Иако беше најавено дека шанса на оваа средба ќе добијат помладите, сепак, Кокшаров тргна со стандардна постава и со два пивоти во напад. На моменти играше со два пивоти, но и со голман пробувајќи различни тактички варијанти така што ова беше можност против квалитетен ривал да се види до каде е формата.

Вардар тргна со погодок преку Шишкарев и постојано имаше гол предност, а противникот успеваше да израмни. Ваквата игра траеше 11 минути, а потоа првпат беа обезбедени плус два во 12. минута при 8:6. Овие плус два се чуваа до 17. минута кога резултатот беше 12:10, па тука гостите успеаја со три гола по ред да дојдат до мал пресврт и до првото водство на средбата.

Мотор успеа да остане во позитива и во следните неколку минути. Во 25. минута дојде и до 17:15, па тука мораше да дојде до будење на вардарците кои со три гола во серија го вратија водството во своја полза. Оттука до крајот на натпреварот само се чуваше голот позитива и на одмор се замина со 20:19.

Во второто полувреме на стартот немаше многу измени во ритамот. Немаше поддршка од голманите, па немаше ниту зголемување на предноста. Сепак, во 35. минута, Кокшаров одлучи да го внесе Кизиќ во игра, а тој набрзина собра четири одбрани и овозможи да се направи предност од 4-5 гола разлика.

Од тој момент почна и контролата на резултатот, а имаше простор и за надигрување во нападот, па немаше никаков проблем за да се зголемува водството и да не се дозволи да има поголеми проблеми. Одбраната не беше на ниво, но затоа нападот си ја заврши работата, па беше обезбедена нова победа и беше зацврстено првото место во Групата А.

ВАРДАР – МОТОР ЗАПОРОЖЈЕ               44:37(20:19)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 1500. Судии: Марко Боричиќ и Дејан Марковиќ од Србија. Делегат: Драган Начевски од Македонија.

ВАРДАР: Гедбан (1 одб.), Кугис, Кизиќ (5 одб.), Стоилов 2/5, Кукуловски 1/1, Димитриоски 2/2, Сикошек Пелко 5/6, Дисингер, Атман, Скубе 2/5, Калараш 4/5, Чупиќ 9/9, Дибиров 11/14, Шишкарев 7/9, Ќосевски 0/1, Горпишин.

Седмерци: 8/8, Исклучувања: 6 мин.

МОТОР ЗАПОРОЖЈЕ: Билји (11 одб.), Будко, Рубан, Вујовиќ 12/13, Нагавијалхосеини 3/5, Близњук, Турченко, Хурин 1/1, Кравченко 8/8, Касаи 3/4, Миноцки 0/1, Тиутиуник 6/7, Паровинчак 4/7

Седмерци: 3/4, Исклучувања: 12 мин.