Вардар игра добро против Кил има минус два на полувреме

Ракометарите на Вардар одиграа добро прво полувреме против Кил и успеа да се одржи во добар ритам и резултат, а на одмор има 16:18. Со добра игра во поголемиот дел од првите 30 минути можеше да се дојде и до подобар резултат, но и овој дава надежи за убаво продолжение на средбата.

Почетокот на средбата беше за голманите на двете екипи, Никлас Ландин и Мартин Томовски кои имаа одлично отворање на натпреварот. Голманот на Кил имаше три, а „чуварот на мрежата“ на Вардар две интервенции во првите две минути.

Натпреварот беше отворен од ракометарот од кого се очекуваа голови од стартот на сезоната, Анте Кудуз. Погоди за 1:0 и ова водство се чуваше осум минути. Вардар постојано беше во гол предност, а тимот на Кил израмнуваше. Сепак, при 4:5 во 8. минута за пет минути следуваше 5:0 и пресврт во диктирањето на темпото на оваа средба. Кил имаше 9:5 во 13. минута и целосно скршен отпор на Вардар.

Меѓутоа, кога се чинеше дека Вардар го губи чекорот, после тајм-аутот, Томовски покажа зошто сезонава е прв избор за голот на „црвено-црните“. Тој одбрани одлично во неколку ситуации кога запираше и зицери, па го одржа Вардар во ритам. Кудуз погодуваше без грешка и за 20 минути имаше пет од пет, а Вардар беше на минус еден. Кил водеше само 12:11.

Одбраната конечно беше зацврстена, а тоа беше она што Вујовиќ го побара на тајм-аутот, а резултатот се виде во 23. минута кога беше 13:13.

До крајот на првото полувреме беше интересно. Кил продолжи да го диктира темпото и водството, но предноста беше гол или два. На крајот на првото полувреме беше 18:16 за Кил така што ќе има многу интересно продолжение на средбата.

Во првите 30 минути најефикасен играч на Вардар е Анте Кудуз со шест гола од шест шута, по два гола имаат Талески, Дибиров и Моралес, а по еднаш прецизни беа Тото, Стоилов и Кевин Њокас. Прв стрелец на Кил е Сагосен со пет гола.