Вардар запиша рутински бодови против Прилеп

По победите над Вардар Неготино и Бутел Скопје, ракометарите на Вардар ја забележаа третата победа во Суперлигата, откако на гостувањето во Прилеп против истоимената екипа остварија убедлива победа со 34:19 (17:12).

Домашниот состав имаше фуриозен старт и со погодоците на Шокоски, Гавашелишвил и Ѓоргиески поведе со 3:0. Ракометарите на Прилеп со големата мотивираност да ги покажат своите квалитети против актуелниот македонски шампион успеаја до 15-та минута да одржат резултатска позитива. По водството на Прилеп од 6:4, следуваше серија од 4:0 на „црвено-црните“, кои за првпат поведоа со 7:6, а потоа имаа и водство од 8:6.

Како што одминуваше времето, така гостите од Скопје ја зголемуваа својата предност. Прилеп немаше многу опции во нападот и најчесто преку Шокоски и Гавашелишвил доаѓаше до погодок. Вардар ги имаше расположените Манасков и Георгиевски, кои заедно постигнаа вкупно 11 погодоци во првите 30 минути, и казнувајќи ја секоја грешка на младиот тим на Чантурија, македонскиот шампион на полувреме замина со предност од пет гола разлика, 17:12.

Каков ќе биде исходот од овој натпревар беше јасно уште по првите минути во вториот дел кога Вардар се одлепи на осум гола разлика, 20:12. Избраниците на Владо Недановски во 40 минута стигнаа и до 24:13 и до крајот рутински ја одржуваа својата предност. Прилеп одвреме-навреме погодуваше во мрежата на гостинскиот тим, но тоа не беше доволно за да се избегне високиот пораз од поискусниот противник.

Предводници во победничката екипа беа Дејан Манасков со осум, Филип Талески со шест и Јан Чувара со пет погодоци. Од екипата на Прилеп само четворица ракометари се запишаа во листата на стрелци, а најефикасен беше Давор Шокоски со десет погодоци.