„Вардар е послаб од лани, ние сме посилни – одиме на триумф во Скопје“

Ракометарите на Вардар вечерва го играат последниот натпревар во групната фаза од Лигата на шампионите, а ривал е Мешков Брест.

Белорускиот првак сезонава игра одлично, а левиот бек Сандро Обрановиќ вели дека неговиот тим ќе оди на победа, иако тоа нема ништо да смени на табелата.

„Од понеделникот се подготвуваме за Вардар. Еден ден работевме на одбрана, другиот ден на нападот. Секогаш одиме чекор по чекор. Оваа сезона Вардар е послаб, ние сме посилни од претходно. Вардар секогаш беше силен на домашен терен, со лудата атмосфера што ја приредуваа навивачите и беа играч плус. Но оваа сезона Вардар како и многу други клубови  играат пред празни трибини. Сега нема да ја имаат таа предност. И покрај тоа, нашиот ривал има одлични играчи. Сепак ние ќе одиме на победа“, вели Обрановиќ во изјава за рускиот „Брз Центар“.

Натпреварот меѓу Вардар и Мешков Брест се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 18:45 часот.