„Вардар е паднат, а Металург послаб – тоа е шанса за Еурофарм Пелистер!“

Сите шампионати се во прекин, како низ цела Европа, така и во Македонија, а Ракометната федерација не сака да избрзува со одлука и да носи прерани заклучоци околу доигрувањето на оваа сезона.

Вардар и Еурофарм Пелистер треба(ше) да се приклучат во плеј-офот и се уште немаат одиграно ниту еден натпревар на домашно тло. Членот на Еурофарм Пелистер, левиот бек Марин Вегар вели дека се разгледува можноста да се игра во јуни.

„Првенството е во прекин и чекаме. Се разгледува можноста да се игра во јуни, но што ќе биде, не знаеме. Нас странците не советуваа да не одиме дома, затоа што никој не знае што ќе биде. А, сега и да сакаме не може да си одиме. Требаше да почне плеј-офот каде се приклучуваме ние и Вардар од СЕХА лигата“, вели Вегар.

Тој вели дека битолчани можат да се изборат најмалку за еден трофеј оваа сезона и дека големите конкуренти имаат доста проблеми.

„По Нова година ни тргна доста добро, дојде нов тренер Жељко Бабиќ и бевме во добар залет, но жал ми е што прекинавме со натпреварите. Металург е послаб, тие се млада екипа, не се на ниво како претходно. Вардар е доста паднат, има многу проблеми, но пак се одличен тим. Сакавме да се бориме за еден од трофеите, но сега е неизвесно. Ако немаме прилика оваа година, тогаш следната. Бев во преговори да останам, но потписот на договорот е одложен поради епидемијата. Сега се е на чекање и никој не знае што ќе донесе иднината“, заврши Вегар во интервјуто за Sport1oslobdenje.

Неговиот договор со битолскиот тим завршува на 30 јуни, клубот му понуди нов, но се уште не е ставен потпис за продолжување на соработката.