ЕХФ најавува црни денови: Вардар е во дупка од која тешко ќе излезе!

Како што заврши во декември, така и почна во февруари. Европскиот шампион Вардар со пораз го отвори продолжението во Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ загубија од Кил со 11 голови, 34-23 и уште повеќе ја продлабочија кризата што е актуелна подолго време.

Медиа тимот на Европската ракометна федерација во анализата за дуелите од 11 коло напиша дека Вардар тешко ќе се извлече од „дупката“.

„Вардар изминатите сезони успеваше да ја надрасне улогата на аутсајдер, но се чини дека оваа сезона е во дупка, од која тешко ќе излезе. Егзодусот на играчи минатото лето, како и најавата за заминување на двајца важни играчи, Даинис Кристопанс и Данил Шишкарев, бранителот на титулата делува нестабилен како никогаш. Веќе сменија двајца тренери, а легендарниот поранешен македонски репрезентативец Стевче Алушовски го презеде тимот во јануари, но сепак екипата не делува стабилизирано. Поразот од 34:23 против Кил ги истакна нивните слабости, особено во одбраната, бидејќи Вардар сезонава е вториот тим со најмногу примени гола, 355, само четири помалку од Мотор Запорожје. Вардар е во серија од пет натпревари без победа, четири порази и едно реми и тешко дека ќе може да дојде до некое повисоко место од четвртото во групата. Им помага тоа што играат два натпревари дома во последните три кола од групната фаза, но ќе мора да освојат барем бод на гостувањето кај Порто“, пишува ЕХФ.

Следен предизвик за Вардар ќе биде домашниот натпревар против украинскиот првак Мотор Запорожје в сабота со почеток во 17:30 часот.