Вардар го победи Охрид и како првопласиран оди во плејофот

Актуелниот шампион Вардар во плејофот ќе пренесе три бода и ќе тргне од првата позиција во разигрувањето за титулата откако го победи Охрид со 32-25 (19-14) и на две кола до крај на регуларниот дел го „зациментира првото место“. “Црвено-црните“ со 12. триумф сезонава во лигата го задржаа лидерското место со 36 бода, а Охрид останува да се бори за третото место заедно со Бутел. Во плејофот само првите три места пренесуваат бодови, а четвртопласираниот ќе тргне без бодови.

Скопјани уште во првата половина од првото полувреме направија предност од „плус 5“ за водство од 9-4 и 10-5 што беше најава дека ќе одат на триумф и сакаат што побрзо да ги решат дилемите. Играа во најсилниот состав покажувајќи респект кон охриѓани.

Тие пак не се предадоа иако негатива од пет гола, па во завршните моменти од првото полувреме намалија на 16-14 во 28 минута. На 17-14 во последната минута Томовски го одбрани пеналот на Озтурк, а потоа со два гола на Куни Моралес домашните ракометари зголемија на 19-14. Својот петти гол Моралес го постигна во последната секунда од првото полувреме.

Охриѓани играа до крај, без разлика на резултатот. Па и кога имаа негатива од 15-22 не се откажуваа. Пак намалија на пет гола негатива, 18-23, но секогаш кога Охрид ќе намалеше на пет гола, вардарци „додаваа гас“ и пак се одлепуваа.

Гостинскиот тренер Горан Андоновски мораше по вторпат на мечот да бара тајмаут во 47 минута откако Вардар зголеми на 26-19. Во следните минути откако Охрид не ги искористи шансите, па дури и направи почетнички грешки пред својот гол ги искорисја вардарци да отидат на највиоските „плус 9“, 28-19 во 49 минута. Голманот Миленковиќ не дозволи Вардар да има двоцифрена предност, па со неговата петта одбрана им даде шанса на соиграчите да намалат на поднослива разлика.

Милан Лазаревски со атрактивен гол во 52 минута повторно му го доенсе највисокото водство на Вардар, а во листата на стрелци се запиша и Васил Гогов кој во 57 минута ја погоди празната мрежа на Охрид за предност 31-22. До крајот беше само рутинска работа за вардарци.

Дејан Манасков со 8 гола беше најефикасен во тимот на Вардар, а по 6 гола постигнаа Куни Моралес и Филип Талески. Кај гостите, Владимир Бојаниќ даде 8 гола.

Во следното коло Вардар е домаќин на Куманово, а Охрид дома игра со Струга.