Вардар го доби првиот дел во Битола, води со плус четири на полувреме

Ракометарите на Вардар имаа многу подобро прво полувреме од нивните колеги од Еурофарм Пелистер и на одмор заминаа со 17:13, водство кое ќе им даде можност во второто полувреме да одиграат мирно во обид за добар резултат. Домашните, пак, ќе немаат избор освен да нападнат со сите сили во продолжението.

Од почетокот на средбата можеше да се забележи мотивираност и кај двете екипи. Ракометарите беа на одлично ниво и тоа носеше многу погодоци.

Првите пет минути минаа во постојано менување во предност. Така беше и во следните пет минути. И Еурофарм Пелистер и Вардар имаше расположени ракометари. Доаѓаа до позиции за шут и тоа носеше интересен развој на настаните. Сепак, никој немаше предност поголема од еден гол.

Еден тим првпат дојде до плус два на средина од првото полувреме кога Вардар поведе со 9:7. Овие плус два гола дадоа повеќе самодоверба кај гостинскиот состав и остави простор за повеќе простор за игра бидејќи домашните мораа да се враќаат во средбата. Во таков тек на настаните имаше и грешки кои придонесоа за по некоја грешка која отвори простор и за плус четири, 13:9.

Оваа разлика продолжи бидејќи играта одеше со наизменични погодоци. Вардар ги имаше расположените Гаџа, Тото и Талески, додека кај домашните неколку играчи имаа по два гола, но Периќ беше тој што одлично ги командуваше во нападот.

Со голот на Гаџа на истекот на 27. минута, Вардар стигна до плус пет, 17:12 и тоа беше првпат еден тим да дојде до вака висока предност. Тоа беше причина, Бабиќ да го побара и вториот тајм-аут бидејќи првиот го побара на средина од полувремето, веднаш откако Вардар поведе со 9:7.

Во последните две минути имаше повеќе грешки отколку голови, па на одмор, Вардар замина со 17:13.

Гаџа е најефикасниот во редовите на Вардар со шест гола. Тото има пет, а три Талески. Во Еурофарм Пелистер после првиот дел по три гола имаа Мандалиниќ и Обрадовиќ.