Вардар бара замена за Чупиќ, доаѓа друг хрватски репрезентативец?!

Десното крило Иван Чупиќ, најверојатно, по пет сезони ќе го напушти Вардар и ќе се врати во татковината. Дел од медиумите што третираат ракомет ја објавија веста дека Чупиќ веќе потпишал договор на три години.

Тоа значи дека приоритет на „црвено-црните“ ќе им биде ангажман на нов играч на таа позиција, а хрватскиот „Индекс“ тврди дека тоа би можело да биде Јосип Божиќ Павлетиќ.

Станува збор за хрватски репрезентативец, кој лани играше на ЕП 2020 година, но во Загреб не се изнаигра многу со оглед на тоа што делеше минутажа претходно со Златко Хорват, Ненад Костески, а сега со Владо Матановиќ.

Од хрватскиот првак најавија дека трансферот на Чупиќ ќе биде потврден по завршувањето на Мундијалот, а менаџерот на клубот – Божидар Јовиќ, го најави и евентуалниот транфер на Божиќ Павлетиќ во Скопје.

„Тој доаѓа кај нас, а нив ќе им треба ново крило, па најверојатно ќе земат некој од нашите. Кога ќе ни дојдат посилни противници, ние ќе играме на поинаков начин. Чупиќ во Вардар покажа дека може да игра во повеќе ситуации, како што е седум на шест, но тој со Вардар пракитчно сам го победи Загреб“, изјави Јовиќ.

Божиќ Павлетиќ има 26 години, играше пет сезони во Нексе, пред да се пресели во Загреб во 2017 година.