Вардарци се во финалето на Струга 2023: Младоста на Гуиф имаше свои шанси-искуството победи

Некогашниот европски првак Вардар го совлада шведскиот претставник Гуиф со 28-26 (14-10) на отворањето на третиот натпреварувачки ден во Струга. „Црвено-црните“ го контролираа темпото и резултатот во натпревар кој мина во фер и коректна игра. На крајот Вардар со победа се пласираше во финалето на 51 издание на интернационалниот ракометен турнир.

За жал резултираше и со една повреда на шведскиот ракометар Ноел Густафсон кој предвреме го заврши натпреварот во првото полувреме со повреда на скочниот зглоб.

Мишевски го отвори резултатот на овој натпревар, по што Петриќ го одведе Вардар на „плус два“, разлика која ракометарите на Гуиф бргу ја анулираа. Неизвесно беше до средината на првиот дел, кога вардарци повторно го вратија водството од два гола. Но слично како на почетокот на натпрварот упорните Швеѓани предводени од црногорскиот стратег Зоран Рогановиќ не дозволија Вардар предвремед да слави. Така во 18. минута резултатот беше повторно израмнет овој пат на 8-8.

Во последниот период од полувремето „црвено-црните“ со низа од три голови ја најавија победата на овој дуел. Гуиф остана на 8, а Вардар до 25. минута постигна 11 голови. Безбедната разлика скопскиот суперлигаш успеа да ја одржи до крајот на првиот дел, а со голот а Џукиќ од пенал во 30. минута беа поставени конечните 14-10.

Вардар – ГУИФ Струга 2023

По паузата вардарци ги искористија одбраните на голманот Томовски и ја зголемија предноста на 18-12 во 35 минута. Тоа беше знак за тајм-аут на клупата на Гуиф, кој во продолжение на натпреварот не вроди со плод. Така „црвено-црните“ до 40. минута дојдоа до „плус шест“, но три успешни интервенции наголманот Рогановиќ значеа и намалување на водството на Вардар (21-18) во 45. минута, а низата ја продолжи Јохан Палм со погодок од контра напад за 21-19.

Во самиот финиш Гуиф на крилата на одличниот голман Рогановиќ го направи натпреварот неизвесен. Во 48 минута Остерхал го постигна првиот гол од игра по воведните три од пенал линијата, за прво израмнување на резултатот во второто полувреме на 22-22.

Во следниот напад Петриќ конечно постигна гол за „црвено црните“ по три минути пост, во следниот напад Томовски ја забележа 10. интервенција, а Петриќ ја врати разликата од два гола.

Гуиф повторно ги искористи шансите кои им ги овозможи Вардар, две грешки и во 52. минута Швеѓаните имаа можност да го израмнат резултатот, но Томовски успешно интервенираше. Во следниот напад Скопјани со играч помалку преку Карапалески го најдоа патот до голот на Гуиф, а Томовски повторно блескаше на голот. Лазаревски со својот шести гол го одведе Вардар на плус три, но ниту тоа не беше гаранција за мирна завршница. Брзите скандинавци анулираа еден гол, а имаа шанса и за втор но грешка во водење на топката пресуди Николиќ од брза транзиција да ја врати разликата од три гола за Вардар во 57.минута.

Томовски во финишот на дуелот беше сигурен на голот, а Швеѓаните брзаа во своите акции, а резултатот остана непроменет. Во трка со времето ракометарите на Гуиф бркаа по целиот терен, успеаа да намалат еден гол од негативата, но Вардарци го привршија дуелот сигурно и на крајот славеа со 28-26.

Вардарци изминатиот ден имаа проблеми со стомачен вирус, а на овој дуел не настапи Косуке Јасухира кој го извлече подебелиот крај и заврши на инфузија.

Најпрецизен на дуелот беше Стефан Петриќ со 7 голови, го следеше Николиќ со 6 додека Јагуриновски постигна 5 погодоци. Кај Гуиф најпрецизен ракометар беше Норман Мелкер со 5,  Елиас Хал, Гранлунд и Остерхал го следеа со 4. За последниот ден од турнирот, Вардар обезбеди пласман во финалето на Струга 2023, а Гуиф ќе игра за бронзениот медал.