Вардарци останаа во Скопје – неизвесен е натпреварот со ПСЖ?!

Можно е натпреварот да се игра во четврток во Париз наместо утре.

Натпреварот од групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите што утре требаше да го одиграат ПСЖ и Вардар најверојатно ќе биде откажан или презакажан за во четврток. По вчерашното тестирање во редовите на европскиот првак, навреме не се стигнати сите резултати од направените тестирања и се чека да бидат добиени. Дел од резултатите се пристигнати, а некои недостасувале.

Се додека нема комплетни резултати од тестирањата Вардар во комплетен состав не може да отпатува за Париз бидејќи таму е потребно да приложат тестови од екипата. Според правилата на ЕХФ пред секој меч најдоцна 72 часа треба да има направено тест секој ракометар и член на стручен штаб.

Денеска вардарци требаше со чартер летот на романската компанија „Карпатиа Ер“ да отпатуваат од Скопје во 11 часот за Париз. Летот е откажан, што може да се види и на информативната табла на скопскиот аеродром. Слични проблеми со авиокомпанијата вардарци имаа и на патувањето во Брест во првото коло до Лигата на шампионите. Но, тогаш имаше одложување на летот, а овојпат тој е откажан.

Ракометарите се дома и ги чекаат следните чекори што ќе им бидат наложени од клубот. Тие потврдија дека добиле информација дека летот за Париз е откажан.

Сега можно е откажување на натпреварот но, и опцијата за презакажување за следниот ден, четврток е во опција, и тоа ќе треба да биде направено од страна на Европската ракометна федерација, и во консултација со двете екипи.

Досега беа одложени две средби на Вардар, една поради коронавирус во редовите на ривалот (ПИК Сегед) и една поради ковид протоколи (Елверум). „Црвено-црните“ загубија од Мешков Брест, го победија Фленсбург и ремизираа со Порто.