Валтер: Битола ги има најдобрите навивачи, тоа сите во Европа го знаат

Новиот тренер на Еурофарм Пелистер, Ларс Валтер денес го одработи првиот ден како предводник на битолскиот клуб. Тој пристигна во Македонија, одржа работни состаноци со клупските структури, директорот Димитар Митревски, своите помошници, стручниот и медицинскиот тим и го зазеде своето место во клупските простории.

Валтер и стручниот тим ги дефинираа етапите од подготвителниот период, кој започнува на 20 јули во Битола. Претходно сите ракометари ќе минат медицински тестови. Централната фаза пелистерци ќе ја минат во Маврово од 25 јули. Беше разговарано и за комплетирање на играчкиот кадар за сезоната 2022/23 и во тој правец клубот ќе доведе уште неколку засилувања.

Официјалната промоција на тимот е закажана за 19 јули, кога ќе бидат промовирани и новите лица и новите дресови. Презентацијата на Ларс Валтер како нов тренер на Еурофарм Пелистер е предвидена по првите тренинзи во Битола.

„Носам позитивни импресии од почеток. Разговарав со кондициониот тренер, со помошникот тренер и направивме план за во иднина. Изгледа дека исто размислуваме и ќе имаме добра соработка. Знам дека во Пелистер ги имате најдобрите навивачи во Европа и познати сте по тоа насекаде. Атмосферата во салата е тема на разговор насекаде. Историски вие сте најголемиот клуб во историјата на македонскиот ракомет. Дури и кога јас бев млад ракометар знаев за Пелистер и за луѓето тука. Едвај чекам да ја почувствувам атмосферата во салата. Работев во Словенија, Полска и Романија и ја сакам пасијата на луѓето. Ако сакате ракометна пасија Еурофарм Пелистер е вистинското место. Тука луѓето знаат ракомет и чест ми е што дојдов тука. Лесно беше да се одлучам. Последните години ми недостигаше оваа страст, оваа атмосфера и посветеноста на градот и клубот за ракометот. Сега имаме шанса да свртиме сè и да го вратиме Пелистер каде што беше. Ова е интересен проект. Мојот стил нема да биде 100% скандинавски ракомет. Работев во многу земји и ќе го земам најдоброто од секаде. Ќе ви ветам дека ќе играме побрзо, но да не го заборавиме квалитетот на балканските играчи. Вие имате многу инвидуални квалитети и моја работа е да извадам најдоброто од вашата култура и да го ставам во микс со другите култури. Кога бев во Словенија беше многу лесно, па верувам дека така ќе биде и тука, бидејќи луѓето знаат да играат ракомет во Македонија. Убеден сум дека ќе најдеме добра солуција“, вели Валтер.