Важна победа за Штутгарт и Пешевски во Бундес лигата

Ракометарите на Штутгарт каде што настапува репрезентативниот пикер на Македонија, Жарко Пешевски, остварија важна победа на гостувањето кај Балинген со 30:28.

Штутгарт има добар почеток на новата сезона и во третото коло по вторпат се радуваше на победа. Пешевски доби голема минутажа од тренерот, но не се запиша во листата на стрелците.

Гостинските ракометари го диктираа темпото и резултатот уште од почетокот на мечот. Предноста постојано беше на нивна страна, имаа највисоко водство од четири гола но на полувреме Штутгарт водеше 17:15. Во продолжението Балинген успеа да го сврти резултатот и во 40. минута да поведе со 22:20, но не издржа до крај и мораше да се помири со нов пораз.

Во наредното коло Штутгарт и Пешевски на домашен терен нови бодови ќе бараат против екипата на Лемго, а натпреварот ќе се одигра на 18 октомври со почеток од 16 часот.