Бутел ја доби драмата со Струга

Ракометарите на Бутел во неизвесен натпревар до самиот крај успеаја да триумфираат против незгодниот состав на Струга, се резултат 27:25 (13:12) во натпревар од 3. коло од Суперлигата. Составот на Струга, која денес го впиша првиот пораз во новата натпреварувачка сезона, беше во игра за освојување на бодовите кога на неколку минути пред крајот изедначи на 25:25, но секогаш кога требаше да го преземе водството, недостасуваше да го направи вистинскиот чекор.

Воведниот дел од натпреварот им припадна на гостинските ракометари кои со одличната одбрана и добрата функционалност во нападите дојдоа до водство од 2:0 по пет минути игра. Бутел цели десет минути беше без постигнат гол, но во тие десет минути, составот на Струга не успеа да ги искористи грешките на домаќините и да дојде до поголема резултатска негатива. По водството на Струга од 3:2, ракометарите на Грчевски израмнија на 3:3, потоа дојдоа до 4:3 и до крајот на првото полувреме беа подобриот противник на теренот.

Струга беше екипата која бркаше негатива од еден-два гола разлика во последните дваесетина минути од првиот дел, во кои составот на Бутел никако не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола. Домаќините по 30 минути игра на пауза заминаа со водство од еден гол, 13:12.

Второто полувреме од дерби дуелот продолжи со исто темпо. Иако Бутел во еден момент дојде и до водство од плус три, 20:17, Струга успеа да се консолидира и да се врати во игра за освојување на бодовите. Во последните петнаесетина минути главно се играше гол за гол и само нијанси одлучуваа која екипа ќе победи во денешниот натпревар. При самиот финиш, домашниот тим се одлепи на 25:23 и со своите грешки во два напади по ред и овозможи на Струга да се избори за егал и да израмни на 25:25. Бутел во последните минути беше повеќе сконцентриран и со погодоците на Мартин Манасков ја потврди посакуваната победа.

Најефикасен во победничкиот табор беше Мартин Манасков со седум гола, додека Мирко Мајиќ беше втор стрелец со шест гола. Во Струга најрасположен за игра беше Никола Цветаноски со шест гола.