Бутел Скопје ги казни грешките на младите металурзи

Ракометарите на Бутел Скопје дојдоа до уште една победа, па откако пред два дена го совладаа Охрид денеска како гости во Автокоманда беа подобри и од составот на Металург 2 со 28:17. Во меч во кој водеа од првата до последната минута во ниту еден момент немаше прашање за тоа кој ќе дојде до победа.

Од стартот на средбата гостите имаа предност од два гола. Бутел Скопје поведе со головите на Василевски и Димовски, а тогаш веќе се играше 5. минута. Сепак, немаше израмнување туку откако Металург намали на 1:2 и потоа 2:3 следуваа четири гола за 2:7.

Оваа негатива од пет погодоци донесе слобода во играта на Бутел Скопје, но немаше простор за поголема разлика. Домашните успеваа да намалуваат и да да се одржуваат на 3-4 гола разлика, а во финишот од првиот дел и да се вратат на дури еден разлика и да имаат 11:12 и 12:13. Меѓутоа на одмор се замина со 12:14.

Вториот дел домашните го почнаа мотивирано, но сето тоа не даде резултат бидејќи проблем беше нападот. И додека во одбраната младите „металурзи“ успеваа да се снајдат во нападот не одеше и имаше премногу грешки за да може да се очекува нешто повеќе на овој дуел.

Неколкуте загубени точки беа причина за брзо негативата да дојде до седум гола, 14:21 така што беше веќе јасно дека ракометарите на Металург тешко ќе се вратат во овој дуел. Гостите знаеја како да го исконтролираат резултатот, а го имаа и расположениот Даскалоски кој успеа да запре неколку зицери со што само помогна во создавањето на високата предност.

До крајот се одигра смирено, а домашните не постигна гол после 47. минута така што во последните 13 минути дозволија разликата да се искачи на 11 гола и конечни 17:28.

МЕТАЛУРГ 2 – БУТЕЛ СКОПЈЕ    17:28 (12:14)

Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Виктор Начевски од Скопје и Даниело Божиновски од Битола. Делегат: Душко Камишевски од Скопје.

МЕТАЛУРГ 2: Ацевски, Таневски, Михајлов, Фидановски, Трајковски 1, Мелоски 3, Кофиловски 4, Савковиќ 1, Шокоски 2, Георгиевски, Стоилевски 1, Прцуловски, Стојановиќ 5, Гајиќ, Додиќ, Ефтимов.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 12 мин.

БУТЕЛ СКОПЈЕ: Даскалоски, Блажевски, Димов 7, Младеновски, Стојановски 2, Ѓеоргиевски7, Божиновски 4, Димовски 1, Спасовски, Мојсоски, Милошевски 2, Печенковски, Василевски 3, Мајиќ, Сулима 2, Николиќ.

Седмерци: 2/3, Исклучувања: 12 мин.