Бутел бара од РФМ – да важат ланските резултати за местата во Европа

Ракометната федерација на Македонија ќе биде на голема мака при распределбата на местата во европските купови, конректно во Лигата на Европа.

Според рејтингот, РФМ има право да пријави една екипа во Лигата на шампионите и три во Лигата на Европа. Металург би требало да добие сигурно место, исто така и Еурофарм Пелистер, додека за последното место ќе се „борат“ Бутел Скопје, Охрид и Пролет.

„Јас сум задоволен од тоа како одигра нашата екипа оваа сезона до прекинот. Сениорите обезбедија место во плеј-офот, кој за жал не се одигра, а младинските екипи исто така покажаа добри резултати и се надевам во иднина ќе имаме уште поголеми успеси“, вели претседателот на Бутел Скопје, Влатко Тасевски.

Од суперлигашот сметаат дека РФМ треба да го следи трендот на многу други европски земји.

„Здравјето е пред се, па РФМ направи добар потег што го прекинат шампионатот пред да почне најинтересниот дел од сезоната, односно плеј-оф. Сметам дека тоа е правило, а сега сите чекаме да се состане Управниот Одбор на РФМ и да ги финализира останатите одлуки во врска со распределбата на местата за европските купови. Ако се знае дека Вардар и Еурофарм Пелистер ќе играат во СЕХА лигата, а Вардар ќе биде дел и од Лигата на шампионите, сметам дека треба да важат резултатите од минатата сезона, па Металург и Бутел Скопје да играат во Лигата на Европа. Нашата екипа е амбициозна и млада, лани испаднавме во ЕХФ Купот во последните секунди од ЗТР Запорожје. Тоа беше одлично искуство за нас, па би сакале и годинава да добиеме доверба од РФМ да го претставиме македонскиот ракомет во Европа. Охрид сезонава стигна до второто место во Суперлигата, но сметам дека сезоната треба да биде поништена и резултатите да не се важат“, смета Тасевски.

Од следната година ќе има нов систем на натпреварување во Суперлигата, која ќе брои 14 екипи плус Вардар и Еурофарм Пелистер.

„Не чека нов систем од септември, неколку нови екипи и нови ракометни предизвици. Бутел веќе работи на комплетирање на екипата за наредната сезона. Го задржуваме постоечкиот ростер на тимот, а паралелно водиме преговори со уште неколку нови играчи што ќе го засилат нашиот тим“, заврши Тасевски.