Будуќност падна во Романија, Мец изненаден во Унгарија

Денешниот ден беше резервиран за два заостанати натпревари од Лигата на шампионите во женска конкуренција. Будуќност на гостувањето во Романија беше  поразен од романскиот шампион, Валчеа со резултат 25:23 (14:10) во рамките од Б групата.

Уште од самиот старт, Романките обезбедија водство од три голови и успешно го одржуваа до самиот крај. Екипата од Подгорица имаше замерки на делењето правда од страна на судиите од Молдавија, но како причина за поразот е слабата поддршка од страна на голманите.

Победничката екипа беше предводена од Евгенија Миневскаја со шест погодоци. Во составот предводен од Бојана Поповиќ се истакнаа Јованка Радичевиќ и Алисон Пино кои исто така беа стрелци на шест погодоци.

Мец беше изненаден во Будимпешта кај ФТЦ и забележа пораз од 32:30 ( 18:15) во натпревар од А групата. Во драматичен и неизвесен финиш, Унгарките беа подобар противник и заслужено се израдуваа на нова победа. Во составот на ФТЦ се истакна искусната ракометарка, Зита Сучански со седум погодоци. Во Мец најдобра беше Мелин Ноканди со осум погодоци.