Будимир после победата: Ова е награда за момците за сите години малтретирање

Екипата на Скопје 2020 се пласираше во Супер машката лига откако денеска дојде до победа на клучниот натпревар против Шампион со 30:26 и го освои првото место во плеј-офот од Првата машка лига.

Скопје беше во предност во речиси сите 60 минути така што не дозволи да има проблеми за да дојде до посакуваниот резултат.

„Како поранешна ракометарка им посакував само победа за сите години во кои се откажаа од многу работи и што ги малтретирав. Не им доволував да излагаат, не им дозволував да одат на екскурзии. Ова е првпат една кадетска екипа да освои Прва лига и да се пласира во Супер лигата. Ова доаѓа после само една година игра во Првата лига, но овие момци се заедно веќе седум години. Горда сум на нив“, коментираше Андријана Будимир, која е тренер на тимот на Скопје 2020.

Таа вели дека има млади ракометари кај кои никогаш не може да се знае што ќе се случи на терен.

„Ова се навистина луди деца и никогаш не се знае. Уште се млади и постојат многу осцилации. Сепак, нема да има време за славење бидејќи сега нè очекува и младинско првенство, па нема да биде воопшто лесно. Им посакувам успешна кариера, а се движат по вистинскиот пат“, изјави Будимир за 24 Ракомет.

Скопје 2020 е 11. сигурен учесник во Супер лигата за следната сезона така што сега останува уште само баражот меѓу Радовиш и Шампион за да се пополни најсилната лига за сезоната 2021/22.