Брестовац се потсети: Вардар е првиот неофицијален шампион на Македонија

Кога Македонија се одвои од Југославија и почна сопствени натпреварувања во сите спортови во обид за што побрзо примање во ЕХФ, Ракометната федерација организирала брз шампионат за да се добие првак кој би можел да се натпреварува во Лигата на шампионите.

На овој момент потсетува актуелниот селектор на Македонија, Данило Брестовац кој бил дел од тие натпревари тогаш во дресот на екипата на Вардар.

„Кога се растури поранешна Југославија со оглед на тоа што постоеше можност да бидеме брзо примени во Европската ракометна федерација ние организиравме првенство. Во тој момент немаше друго решение и мораше да се одигра плеј-оф. Вардар и Пелистер тогаш играа во најсилната лига на Југославија, а Тутунски Комбинат беше дел од Втората лига. Овие три екипи заедно со првопласираниот тим од Македонската лига, Југ ги формираа двете полуфинални двојки“, вели Брестовац.

Иако тимот на Вардар успеал да дојде до титулата истата не е заведена бидејќи се работеше за неофицијален шампионат.

„Во едното полуфинале Вардар играше против тимот на Југ, додека во второто беа Тутунски Комбинат и Пелистер. Во финалето Вардар се соочи со Тутунски Комбинат и победи со 2:1 во добиени натпревари. Тоа беше финале кое имаше и неубави сцени бидејќи имаше и тепачка. Сепак, оваа титула на Вардар, кој е првиот шампион на самостојна Македонија  останува како неофицијална бидејќи нè не примија во ЕХФ тогаш, па шампионот не играше во Европа. Од следната сезона првенството почна нормално и оттогаш сме и на меѓународната клупска сцена“, се потсетува Брестовац на деновите од почетокот на македонското првенство.

Шампионатот на самостојна Македонија официјално стартуваше во сезоната 1992/93, а во оваа сезона тимот на Пелистер дојде до својата прва титула.