Брестовац: Сега немаме избор мораме да одиме на победа!

Македонија загуби од Чешка со 25:27 во меч во кој имаше одново лошо второ полувреме, па дури во вторник ќе се бори за втор круг, а нема да биде воопшто лесно бидејќи ќе мора да се обезбеди победа против Австрија. Денеска после одличното прво полувреме во второто беше многу лошо и тоа придонесе за пораз од Чесите.

Селекторот на репрезентациjата на Македонија, Данило Брестовац имаше свој коментар после поразот од Чешка, на кој клучно за поразот беше лошото отворање на второто полувреме.

„Според она што го знаме за Чешка ништо не сменија на почетокот на вториот дел, пресудија индивидуалните квалитети на Кашпарек кој не разби со три-четири шута од десет метри од доста затворен агол и Здрахала погоди меѓу еден и два дијагонала статива гол. Средината мислам дека добро ја држевме до еден период, потоа моравме да спуштиме одбрана 6:0 зошто многу ни избегаа, многу направија разлика. И 6:0 не се покажа добра пак моравме да одиме во 5:1 иако мислам дека во првото полувреме оваа одбрана функционираше добро. Ако го гледаме целиот меч многу параметри има неисполнети за да победиме на натпреварот. Се е убаво ова 11:9 но многу лоши напади имавме, делувавме неорганизирано затоа и земав тајм аут да се договориме што да одиграме во нападите шест на пет. Многу лошо беше технички поставеноста, не напаѓавме, бевме далеку од гол, несфатливо за еден ваков натпревар да не можеме да реализираме шест на пет. Истите грешки се повторуваа во првото полувреме од натпреварот со Украина. 11:9 беше и ќе кажеме игравме добра одбрана ама не реализиравме. Се договоривме да продолжиме исто темпо во второто полувреме, но тоа отварање ми е несфатливо. Можеме да се жалиме на сè но ние промашивме и си изгубивме. Моравме да ротираме, почнаа да трчаат да играат брз центар и ни дадоа неколку гола и моравме да го амортизираме ударот. На ваквите натпревари решаваат ситниците. Галија имаше 13 одбрани, нашите голмани четири, првото полувреме слаба реализација  шест на пет и во многу одлучувачки моменти Галија фати клучни топки и зицери. Моравме во ротацијата да го вклучиме и Пешевски и тој е многу добар напаѓач“, рече Брестовац.

Селекторот ја прокоментира и играта на младите ракометари.

„Сега немаме избор мораме да одиме на победа затоа и на крај ги советував играчите дека мораме да дадеме гол затоа што еден гол разлика ќе беше поразлично, сега треба да победиме два разлика. Мислам дека Мишевски го заслужува местото во репрезентацијата, се работи за еден млад играч мислам дека е неправедно избркан од Вардар и дека е една добра перспектива за македонскиот ракомет. На вакво натпреварување се добива нов играч и мислам дека денеска го добивме Марко Мишевски. Младите играчи осцилираат на големите натпревари, Танкоски против Украина првото полувреме го одигра одлично, а во вториот дел имаше драстичен пад во играта. Кај младите играчи се мора да биде прецизно инаку можете да го изгубите младиот играч, може да се створи недоверба, недоверба кај постарите играчи. Денеска Танкоски го подигна тој еден пад што го имаше и одигра константно. Многу е важно дали играчите играат во своите клубови и тоа веднаш се забележува“, продолжи Брестовац.

Во однос на голманите и одбраните на двата тима го кажа следново.

„Мое мислење е дека ние имавме поагресивна одбрана и голманите, и имаа што да бранат ама и немаа што да бранат. Не можеме да зборуваме за слаба одбрана, прво полувреме примивме девет голови што за ваков модерен ракомет е добро. Проблемот беше во реализација на нападите. Нашата одбрана ги испровоцира на технички грешки, а нас Галија не испровоцира и одбрани сè што можеше“, заклучи Данило.

На кратко ги спореди Австрија и Чешка и прокоментира дали можеме да стигнеме до победа против Австрија.

„Според мене Чешка треба да ја победи Австрија пет разлика во секое време, но кога ќе се дојде на теренот не може да се предвиди ништо. Се случуваат непредвдливи работи и секоја ситница решава. Одигравме коректен натпревар и ќе кажам дека ние сме поквалитетни и дека ќе победиме“, заврши Брестовац.

Следниот натпревар Македонија го игра за два дена, во вторник противник е домаќинот Австрија, а натпреварот е закажан за 18:30 минути.