Брестовац: И кога губевме, верувавме дека можеме да победиме!

Машката кадетска репрезентација се врати со трофеј од ЕХФ шампионатот во Летонија, откако во финалето славеше против Швајцарија со 24-22.

Најдобар голман на првенството беше Давид Брестовац, кој имаше одлични партии на сите натпревари и беа најсилната алка во играта на Македонија со неговиот колега Иван Галевски.

„Пресреќни сме што го освоивме овој турнир. Една убава приказна за нашата генерација од 2004 година. Играјќи во Варна, добивме искуство кое ни значеше многу за во Рига. Во финалето сите играчи го пружија максимумот. Јас и Галевски имавм одлични подготовки, секој дена се спремавме за секој ривал, а исто така морам да го споменам Ице Соколески, кој ни помагаше во секој момент. Морам да му се заблагодарам лично него“, вели Брестовац.

Кадетите одиграа пет меча за седум дена, а последниот беше најтежок.

„Сите верувавме и покрај негативата дека може да се вратиме, и да го освоиме првото место, дури и кога губевме во финишот. Така и се случи на крајот. Тактички бевме многу спремни. Нашите тренери ја чуваа играта 5-1 за крајот, и мислам дека тоа беше клучот. Постигнавме четири гола, а не примивме до крајот и се радувавме. Два и пол месеци бевме заедно, на крајот вредеше и се исплати, сите знаевме како дишеме, бевме фокусирани на мечот и ни се исполни желбата“, заврши Брестовац.

Следен предизвик за оваа генерација на ракометари ќе биде настапот на младинското ЕП 2024 година и кадетското СП 2023 година.