Брегар и Шиофок „украдоа“ екс ракометарка на Вардар од Крим

Поранешната ракометарка на Вардар, Тамара Мавсар, која по заминувањето од Скопје продолжи да игра во својот матичен клуб, Крим Меркатор, во остатокот од сезоната ќе настапува во екипата на Шиофок од Унгарија.

Во Шиофок пристигна по препорака на поранешниот селектор на Словенија, Урош Брегар, кој неколку сезони беше тренер на Крим Меркатор, а од ноември, 2021, го предводи унгарскиот суперлигаш. Исто така, Брегар беше дел од клупата на Вардар.

Иако, Крим обезбеди пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите, сепак, Мавсар одлучи да си замине од словенечкиот шампион.

Искусното лево крило од Словенија веќе неколку дена тренира во Шиофок и нејзиниот деби настап за новиот клуб може да биде в среда кога Шиофок ќе ги одмери силите со Вац во натпревар од Купот на Унгарија.

Мавсар речиси целата кариера ја мина во Крим Меркатор. Само во сезона 2016/17 настапуваше во дресот на Вардар. Со поранешниот шампион на Македонија играше во финалето на фајнл-фор турнирот во Лигата на шампионите.