Бранко Канкараш не е повеќе ракометар на Металург

Тимот на Металург и црногорскиот репрезентативец Бранко Канкараш спогодбено го раскинаа договорот, па кружниот напаѓач по само една полусезона си заминува од Автокоманда.

Канкараш играше за Металург само на европските натпревари, a поради лимитираниот број на странци не може да игра на суперлигашките средби.

„Донесовме заедничка одлука со Канкараш дека е најдобро сезоната да ја доигра во клуб од кој што и играчот, а и ние добивме одлична понуда. Лимитираноста во бројот на странци кои можат да настапуваат во домашно првенство беше причината Бранко да ги проследи натпреварите од трибини, што за играч од негов ранг е неприфатливо. Од друга страна РК Металург има двајца македонски играчи на таа позиција. Со оглед на тоа дека ништо нема да се промени во вториот дел од сезоната, донесовме заедничка одлука сезоната да ја доигра во друг клуб, со можност за враќање во Металург во наредната сезона, но со понаков играчки кадар за да може согласно правилото за странци да се извлече максимумот од секој играч во поглед на минутажата.Во наредниот период Металург ќе ја засили бековската линија, а оставам и можност за трет голман“, изјави претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Тренерот Оливер Димитриоски во продолжение од сезоната ќе може да смета на Милан Лазаревски и Андреј Митиќ.