Бранителот на трофејот од Македонија преку Фарски Острови до полуфинале на СП

Репрезентацијата на Египет е првиот полуфиналист на Светското првенство во Хрватска, откако во четвртфиналето славеше над Фарски Острови со 38:34 по продолженија.

Регуларниот дел од возбудливиот натпревар заврши 31:31 (13:13), па така победникот се одлучуваше на продолженија, во кои поискусната репрезентација успеа да обезбеди пласман меѓу најдобрите четири светски репрезентации.

Иако Фарски Острови имаше предност од 31:28 во последните две минути, сепак, ракометарите на Египет се надминаа себеси и постигнаа три брзи гола за минута и пол.

Египет во денешната победи беше предводен од Зиад Хашад, кој постигна 11 погодоци од 13 обиди. Во таборот на Фарски Острови повторно одлична партија имаше Оли Митун, постигна 10 погодоци, кои беа недоволни за поволен резултат на неговата репрезентација.

Египет во Хрватска пристигна како бранител на трофејот од Светското првенство од Македонија (2019). Како што е познато, кадетскиот Мундијал во 2021 година не се одржа поради ковид пандемијата.

Ривал на Египет во полуфиналето ќе биде подобриот од дуелот меѓу Португалија и Данска. Овој натпревар ќе се одигра денес, со почеток од 18:00 часот.

Второто полуфинале ќе го сочинуваат победниците од дуелот меѓу Шпанија и Германија, односно Хрватска и Норвешка.

Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон!