Божиќ Павлетиќ: Во спортот се е можно, предноста на Мешков е достижна

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува реваншот од четвртфиналето на СЕХА лига против Мешков Брест.

На првиот натпревар дома, битолчани загубија со четири гола разлика, 27-31, па ќе мора да бркаат негатива во Белорусија.

Хрватот Јосип Божиќ Павлетиќ смета дека негативата е достижна.

„На натпреварот во Битола не ја покажавме правата слика, игравме под нашите можности и сигурно можеме подобро. Се надевам дека во Белорусија ќе покажеме подобро лице. Не се откажуваме, четири разлика не се многу, во спортот сè е можно. Одиме на победа во Брест. Сигурно дека добро се подготвија двете екипи за првиот натпревар, но тоа не беше наш ден. Сите како екипа потфрливме, но одиме во Белорусија да се покажеме во подобро издание. Со секој тренинг, со секој натпревар се подготвуваме за тоа што ни следи. Сите добро знаеме што е пред нас. Со секој тренинг напредуваме и може да биде само подобро“, вели Божиќ Павлетиќ.

Натпреварот меѓу Мешков Брест и Еурофарм Пелистер се игра в недела во салата „Викторија“ со почеток во 16:00 часот.