Бод злато вреден – Еурофарм Пелистер 2 избори настап во Лига на Европа!

Екипите на Охрид и Еурофарм Пелистер 2 одиграа неизвесен натпревар во СЦ „Билјанини Извори“, во рамките од последното коло во плеј-оф фазата, а крајниот епилог од средбата беше 23:23. Освоениот бод за младите ракометарите на Александар Јовиќ е голем како победа бидејќи изборија настап на европска сцена за следната сезона, поточно во Лига на Европа. Еурофарм Пелистер 2 дојде до девет бода, исто колку што има и Тиквеш, нивните два меѓусебни дуели во плеј-офот завршија без победник (25:25) и (31:31), но Еурофарм Пелистер 2 го презеде 4 место поради повеќе голови на гостински терен.

Младите „фармацевти“ во дуелот со Охрид  влегоа во грч, промашија неколку напади во воведниот дел, направија технички грешки и му дозволија на домаќинот да има сигурна игра и целосна контрола во првото полувреме. Охриѓани имаа посакуван старт, отворија со 3:1, потоа имаа и највисоки три гола разлика, 5:2. На моменти, голманот на Охрид, Брауновиќ, не дозволуваше лесни погодоци во неговата мрежа и беше еден од најзаслужните за предноста на неговиот тим. Во 12 минута, Александар Јовиќ, побара тајм-аут, со цел консолидирање во редовите на битолската екипа.

Кон крајот на половината на првиот дел, Озтурк зголеми на 6:2, а минута подоцна, Манасков и Андоновски му донесоа водство на Охрид од шест гола разлика, 8:2. Еурофарм Пелистер 2 никако не можеше да излези од кризата и сѐ почесто грешеше во нападите. Тимот од Битола третиот гол го постигна дури по 13 минути игра за минус пет, 8:3. Во последните десет минути доjде до опуштање кај домаќините, па така, гостите успеаја да фатат ритам и да се вратат на минус три, 10:7. По 30 минути игра, резултатот беше 12:10 за Охрид.

Еурофарм Пелистер 2 ја продолжи серијата од завршниот дел од првото полувреме и со погодоците на Арсеновски, Ѓорговски и Џукиќ, направи целосен пресврт во 35 минута, поведе со 12:13. Во следниот период двете екипи се менуваа во водство и беше сосема очекувано дека само нијанси ќе одлучуваат кој ќе ја добие битката во овој дуел. Резултатот на дваесетина минути пред крајот беше нерешен, 15:15.

Во 48 минута црвен картон заработи ракометарот од Охрид, Филип Николов, и членот на Еурофарм Пелистер 2, Емилијан Ѓорговски, кои имаа вербален судир. Домашниот состав со два брзи гола, од кои едниот на празна мрежа, во 50 минута дојде до водство од 20:18. Охриѓани во финишот не успеаја да го задржат водството и дозволија Еуорфарм Пелистер 2 да си замине со голем бод.

Во домашниот табор најефикасни беа Мартин Ивановски и Халил Озтурк со по шест погодоци. Во Еурофарм Пелистер 2 најефикасен беше Милан Џукиќ со седум погодоци.