Битолчани со амбиции да бидат подобри од сезонава – преговараат со засилувања

Тимот кој сезонава оствари деби во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата, а во текот на сезоната го смени името откако дојде до фузија на двете екипи од Битола, Еурофарм Пелистер веќе прави планови за следната сезона. Раководството на клубот е во подготовка за следната сезона и почнуваат веќе да се поставуваат на дневен ред и амбициите така што истите се повисоки од оние кои беа актуелни за оваа сезона.

Ситуацијата во моментов ги става во мирување плановите, но клубот сериозно размислува да биде подобар од лани, и да оди чекор напред. Тоа би значело во најмала рака задржување на местото во СЕХА Газпром лигата и се разбира повторно да добијата шанса во ЕХФ Лигата на шампионите.

„Веќе почнавме со плановите за засилувања на тимот за следната сезона. Имаме предвид некои засилувања, но ништо конкретно засега. Ќе мора да видиме прво како ќе се одвива ситуацијата и како оваа ќе се одрази и врз индустријата и да видиме какви ќе бидат вложувањата за следната сезона. Во секој случај нашиот план и став е да одиме чекор погоре од лани“, вели Димитар Митревски.

Во однос на нови играчи, засега нема ништо конкретно. Јасно е дека ќе има повеќе засилувања, но нема откривање предвреме ниту на имиња ниту на позициите на кои се бараат ракометари.

„Сè е оставено на стенд бај. Прво да видиме како ќе се одвиваат работите на ракометниот пазар, па потоа сигурно ќе имаме и детали. Засега, имаме преговори со неколку играчи, но уште е рано за да се објавуваат некакви имиња“, коментираше Митревски за 24 Ракомет.

Еурофарм Пелистер сезонава нема одиграно средба уште во домашните натпреварувања исто како и Вардар, а беше во исчекување и подготовка за настапот во првенството, но и во Купот на Македонија.