Битолчани го задржаа пикерот – Граџан уште една година во Еурофарм Пелистер

Босанскиот интернационалец Елмир Граџан и во наредната сезона ќе го носи дресот на Еурофарм Пелистер.

Граџан веќе е три сезони во Битола и стандардно пружа одлични партии, па од раководството на Еурофарм Пелистер му беше понудена нова едногодишна соработка.

„Влегувам во петтата година во Битола. Задоволен сум од градот, луѓето многу добро ме прифатија, како и во клубот. Очекувам и следната сезона да бидеме успешни, да бидеме поуспешни и да донесеме некои титули во Битола. Ова беше чудна сезона за сите нас. Игравме пред празни трибини против големи екипи како ГОГ Гудме, Вардар и многу други и моравме да се бориме без нашиот дополнителен играч, „Чкембарите“. Се надевам дека следната сезона и во тој правец ќе биде подобро и навивачите ќе ни помогнат за остварување на нашите планови“, вели Граџан.

Битолчани претходно ги продолжија договорите со Мирко Радовиќ и Гоце Ојлески.