„Битола и Македонија се луди по ракомет – замислете некоја друга држава да ги има нивните навивачи!“

Средниот бек на Еурофарм Пелистер, Ловро Јотиќ, по една сезона заминува од Битола, и во следните две години ќе го носи дресот на португалската екипа Бенфика. Понудата од Португалија беше толку примамлива што ретко кој професионалец би ја испуштил. Но, Хрватот имаше шанса во Битола да се запознае со публика која никогаш нема да ја заборави, за која секој би позавидел и посакал да ја има во својата сала.

Како дебитант во ЛШ и во СЕХА лигата, битолскиот клуб оствари добри резултати. Малку недостасуваше да биде и подобро пласиран, но искуството што го собра секако како клуб многу ќе им значи за следните сезони. Иако мина неполна година во Македонија, Ловро Јотиќ откри дека заминува со одлични впечатоци од нашата држава и од клубот Еурофарм Пелистер.

„Се снајдов одлично во Македонија. Македонците се неверојатни фанатици за ракомет, тоа не го знаев додека не дојдов тука. Битола е ракометен град, живее за овој спорт. Ракометот е спорт број 1 и тука и во цела Македонија. Никогаш не сум играл пред организирана навивачка група како „Чкембари“. Ова беше сезона за паметење за мене. Еурофарм Пелистер беше клубот во кој докажав дека можам и дека знам да играм ракомет. Ни фалеше искуство да направиме нешто повеќе во Лигата на шампионите, изгубивме многу натпревари со еден разлика, ако извадевме реми или победа на половина од нив, сигурно ќе беше многу подобро. Во СЕХА мислам дека направивме подобар резултат, иако не се пласиравме во четвртфинале. Еурофарм е млад клуб, нов клуб, па можеби и ЛШ и СЕХА беа преголем залак за прва сезона надвор, подоцна тоа се рефлектираше, а дел од играчите првпат играа на меѓународно ниво. Еурофарм Пелистер ќе расте од година во година и ќе биде се подобар. Кога ќе сумираме, можеме да бидеме задоволни, со некои кипи што се објективно посилни од нас, или ги победивме, или се носевме со нив до крај, иако имаат поголем буџет. Иако можевме повеќе резултатски, сепак ова е добра школа за клубот“, вели Јотиќ.

БИТОЛЧАНИ ПИЈАТ МНОГУ КАФЕ, НА ШИРОК СОКАК СЕКОЈ МОРА ДА БИДЕ ВИДЕН

Хрватскиот интернационалец вели дека поминал убав период во Битола, а особен впечаток му оставил Широк Сокак. За жал не успеал да види многу места во Македонија

„Битола е најпознатиот град од Македонија покрај Скопје, убав град кој живее за ракомет, секогаш се бара билет повеќе за нашите натпревари. Не знаев премногу за Битола како град, но сам се уверив дека е многу убав. Ни треба петнаесетина минути до грчка граница, па многу луѓе одат на лето таму, а не на Јадранот. Многу е ефтино овде, но луѓето живеат скромно. Било каде и да одиш, продавници или ресторани, секаде е поефтино отколку во Загреб. Македонците пијат многу кафе, дури и повеќе од нас Хрватите. Тука само седиш, пиеш кафе три часа. Има една улица што се вика Широк Сокак како онаа нашата Боговиќева. Сите тераси сите се свртени кон улицата и мора да се види секој што поминува. Немав многу прилики да излегувам по клубови, али тука има многу добри кафеани, кои ги посетив кога ми дојдоа другари од Загреб. Има многу места кои не успеав да ги видам во Македонија, но се случи таа криза со коронавирусот и тој план пропадна“, продолжува Јотиќ.

КИРЕ ЛАЗАРОВ ВО МАКЕДОНИЈА ИМА ИСТ СТАТУС КАКО ЛУКА ЦИНДРИЌ ВО ХРВАТСКА

Средниот бек вели дека Македонците многу добро го познаваат ракометот и го спореди Кире Лазаров со Лука Модриќ.

„Во Македонија дефинитинвно ракометот е повеќе популарен од фудбалот. Сите се обидуваат да бидат тренери, па некогаш ти дофрлуваат нешто, вака треба, така треба, но луѓето го познаваат многу добро овој спорт  и сфаќаш колку се залудени по него. Можеби Македонија нема којзнае колку успеси како некои поголеми држави, но замислете ако некоја држава што има многу успеси ги има македонските навивачи, тоа би било прекрасно. Македонците го имаат Кире Лазаров. Кире е легенда на македонскиот ракомет, па луѓето се шегуваат и велат дека е поголем и од претседателот – тоа што ќе каже Кире, сите мора да слушаат. Тешко е да споредам, но можеби Лука Модриќ има таков статус во Хрватска“, вели Јотиќ.

ЖАЛНО Е ТОА ШТО СЕ СЛУЧУВА СО ВАРДАР И МЕТАЛУРГ, ТИЕ СЕГА НЕ СЕ НИТУ БЛИЗУ КАКО ВО НАЈДОБРИТЕ ДЕНОВИ

Јотиќ немаше можност да заигра против македонските тимови (освен во Суперкупот и на пријателски натпревари), бидејќи Еурофарм Пелистер не стигна да игра натпревари од домашните конкуренции.

„Вардар и Металург се два европски гиганти, кои сега се во благ пад, сега не се ни близу како што беа во најдобрите денови. Металург е сега во некој константен пад, не е како што беше пред пет шест години, но сепак за оваа лига во Македонија се квалитетни, завршија на првото место, а што се однесува до Вардар, навистина ми е жал. Таков еден клуб, кој во најтешките моменти покажа одлични резултати, сега да не знае што ќе се случи, е навистина жално. Не знам што ќе се случи, што ќе се поправи, дали ќе успеат да се спасат, ќе видиме во наредните месеци“, заврши Јотиќ.

Тој беше прв стрелец на битолчани во СЕХА лигата и успеа да постигне 58 погодоци на 12 средби, додека во Лигата на шампионите даде 42.