Битола добива нова модерна сала за 5.000 гледачи!

Општина Битола распиша конкурс за идејно решение за изградба на спортски комплекс кој ќе вклучува и сала за 5.000 гледачи.

Конкурсот ќе трае до 1 август, а изведувачот ќе биде избран до 1 септември. Тоа значи дека за неколку години Еурофарм Пелистер и вториот тим ќе добијат нов спортски дом, кој ќе ги исполнува сите критериуми за играње натпревари од највисок ранг.

„Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски објави јавен конкурс за избор на идејно решение за спортско рекреативен центар, кое ќе биде во согласност со сите параметри зададени во Деталниот Урбанистички план ДУП за АРМ, Четврт 2. Времето предвидено за изработка на Решението е од денот на објавување на конкурсот 01.07.2022 година до 01.09.2022 година. Целта на конкурсот е изработка на идејно решение врз основа на кое ќе се изгради спортско-рекреативен центар со што ќе се зголемил квалитетот на живот во градот Битола и регионот, согласно потребите на граѓаните, ќе се зголеми вредноста на просторот и ќе се овозможи негово квалитетно и функционално унапредување, со формирање на препознатлива целина во соодветна врска со постоечкиот контекст и идните функции и содржини на јавниот простор. Идејното решение треба да се одликува со функционалност и применливост, со естетска карактеристика на препознатливост на градот со цел да го оплемени просторот, да ги збогати содржините и да ги привлече граѓаните да го користат. Идејата треба да биде иновативна, креативна, модерна и оригинална. Конкурсното решение треба да биде осмислено да се интегрира во јавниот простор, со можност да се организираат различни настани“, се вели во соопштението од Општина Битола.

Сегашната сала „Боро Чурлевски“ не ги исполнува критериумите за натпревари од Лигата на шампионите, па доколку Еурофарм Пелистер во следните две-три сезони биде првак на Македонија, нема да може да игра во Битола.

Новиот спортски центар во Битола би требало да биде изграден најдоцна до 2025 година.