Бисинов добива големо засилување – искусниот голгетер Илиев се враќа во родниот Велес

Ракометарот кој веќе една деценија е меѓу најдобрите стрелци во Македонија се враќа во родниот град. Членот на Голден Арт, Ивица Илиев, го засилува прволигашот Бисинов. Со неговото доаѓање тимот треба да добие ем на искуство, ем на подобар шутерски и реализаторски процент и секако подобри резултати во иднина и евентуален пласман во Супер лигата.

Еден од дебитантите во Првата лига, екипата на Бисинов, која игра во плеј-аут фазата во прволигашката конкуренција, за следната сезона добива големо засилување и амбиции за повисок ранг. Составен од млади ракометари тимот на Бисимов сега ќе добие на искуство, но и играч кој ќе може да го пренесе своето знаење на младите ракометари.

Клубот од Велес ќе ги засили искусниот ракометар на Голден Арт, Ивица Илиев. Средниот бек реши да се врати во родниот град и да му помогне на новиот ракометен клуб да оствари подобри резултати во новата натпреварувачка сезона.

Голгетерот од Велес беше најзаслужен за камбекот на Голден Аарт во најквалитетното натпреварување во Македонија. Минатата сезона постигна вкупно 179 погодоци на 25 натпревари и го предводеше тимот за пласман во Суперлигата.

Илиев од сезона 2021/22 настапува за Голден Арт, додека претходно седум сезони го носеше дресот на Радовиш. Освен за споменатите два клубови, во својата кариера настапуваше и за екипите на Овче Поле од Свети Николе и матичниот Борец.

Тимот на Бисинов во оваа сезона го имаше дебитанскиот настап во Првата лига. Моментално се бори за првото место во прволигшакиот плеј-аут, откако не успеа да обезбеди пласман во плеј-оф фазата.