Бенфика и Магдебург ги „трампаа“ голманите – Јенсен ќе му биде соиграч на Талески!

Голманот на Магдебург, Мајк Јенсен, кој имаше одлични партии на Ф4 во Келн, особено во финалето против тимот на Келце, денес официјално беше промовиран како ново засилување во тимот на Бенфика.

Данецот во Бенфика пристигнува како големо засилување и како замена за Сергеј Хернандез. Португалскиот тим и Магдебург си ги заменија голманите, па така Хернандез ги засили редовите на новиот европски шампион.

Јенсен во Бенфика минутажата покрај стативите ќе ја дели со Густаво Капдевил. Трет голман во поранешниот шампион на Португалија е српскиот интернационалец Никола Зориќ.

Бенфика во изминатата сезона потфрли на европска сцена и не успеа да ја одбрани титулата во Лига на Европа, додека во домашниот шампионат веќе пет сезони по ред завршува на трето место.

Раководството на клубот одлучи за нов предводник да го ангажира довчерашниот помошен тренер на ПСЖ, Хота Гонзалес.

Меѓу засилувањата во Бенфика ќе биде и македонскиот репрезентативец Филип Талески. Во наредниот период се очекува да биде неговата промоција.