Барселона со нова победа го потврди четврт-финалето во ЛШ

Екипата на Барселона успеа втора година по ред да си обезбеди директен пласман во четврт-финалето од Лигата на шампионите, а истиот денеска го потврди со победа против Целје и тоа на гостувањето во Словенија со 37:25.

Барселона имаше лесен натпревар во кој неизесни беа само првите десет минути. Тука се играше со тесен резултат и практично гол за гол така што беа во прашање само време кога Барселона ќе го засили темпото.

Не беше воопшто проблем до крајот на првиот дел да се создаде позитива од пет гола и на одмор да се замине со 19:14.

После ова во второто полувреме сè беше само формалност така што немаше поголеми проблеми за да се дојде до убедлив триумф од 37:25 и на тој начин да се обезбеди потврда за првото место на табелата.

Репрезентативецот на Словенија, Јуре Доленец со седум гола беше најефикасен, а петпати прецизни беа Палмарсон и Фабрегас. Во Целје Давид Разгор имаше одличен ден со девет гола од десет обиди.

Според актуелната ситуација на табелата, Целје би требало да биде шестопласиран и во осминафиналето, но ќе мора да се почека последното коло бидејќи теоретски екипата на ППД Загреб уште може да се избори за позиција повисоко и да го помине Целје.