Барса покажа моќ против „зебрите“, ќе го брани трофејот во ЛШ

Во второто полуфинале на завршниот турнир во Лигата на шампионите екипата на Барселона славеше против Кил со 34:30 и обезбеди пласман во финалето и борба за 11. рекордна титула европски шампион.

Натпреварот започна максимално израмнето, се играше брзо и ефикасно на двете страни гол за гол. Многу расположени за игра беа десните бекови на двете страни, Рајнкинд и Мем кои го одржуваа резултатот израмнет.

Во завршницата на првото полувреме Барселона за првпат имаше два гола предност, но сепак на паузата заминаа со минимално водство. После одиграни 30 минути во второто полуфинале екипата на Ортега имаше предност 19:18.

Барселона имаше добар почеток на второто полувреме и во првите пет минути успеа да дојде до највисоки три гола предност. Гомез Абељо во текот на целиот натпревар беше незапирлив и го полнеше голот на Кил. Барса гол по гол ја зголеми предноста и во 49. минута Абељо погоди за 31:25.

Веќе тука се навесутваше победникот на овој дуел, но ракометарите на Кил не се предадоа и во продолжение со серија од 3:0 за момент намалија, но потоа Н’Гесан со гол од далечина и Де Варгас со одлична обрана ја потврдија победат на Барселона.

Најефикасен во екипата на Барселона беше Гомез Абељо со 12 гола и само едно промашување, Мем постигна четири, додека по три гола постигнаа Циндриќ, Н’гесан и Лангаро. Де Варгас имаше 11 одбрани. Во составот на Кил нјаефикасен беше Патрик Винцек со седум гола.