Барса не дозволи изненадување против Фленсбург, ќе ја брани титулата во Келн

Екипата на Барселона е третиот учесник на завршниот турнир во Лигата на шампионите откако во реванш четвртфиналниот дуел на домашен терен против Фленсбург славеше победа од 27:24.

Барселона од првиот дуел во Греманија имаше четири гола предност и на возвратниот дуел влезе без голем притисок. Се играше доста израмнето со малку погодоци и минимална предност на едната или на другата страна.

После првото полувреме резултатот беше израмнет 10:10. И во продолжението на мечот Фленсбург немаше шанси да стигне до победа за пласман на фајнал-форот. Во последните десетина минути Барселона влезе со предност од два гола која до крај ја чуваа Циндриќ, Јанц и Макуц за втора победа во двомечот.

Најефикасни во тимот на Барселона беа Дика Мем со шест гола и Јусеф Бен Али кој постигна пет погодоци. Во тимот на Фленсбург најпрецизен беше Хампус Ване со шест гола, додека четири постигна Јоханес Гола.

Покрај Барселона претходно пласман на завршниот турнир обезбедија уште Келце и Веспрем. Останува уште последниот четвртфинален дуел помеѓу Кил и ПСЖ после кој ќе биде комплетирана четворката која ќе игра во Келн. Овој меч започнува во 20:45 часот.