Бабиќ: Треба да направиме добра стратегија, да ги распоредиме силите за она што ни следува

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги продолжуваат настапите во регионалната СЕХА лига со гостување кај некогашниот европски првак Металопластика Шабац.

Тренерот Жељко Бабиќ вели дека мора добро да бидат распределени силите за сите дуели што следуваат во март и април.

„Сами малку си го загорчивме распоредот, бидејќи продолжуваме да играме во Европа, па почна и СЕХА лигата и домашното првенство, па многу играме и многу патуваме. Веќе е малку поинаку за разлика од претходните години, па на тоа мора да гледаме како на предизвик. И јас како тренер треба да бидам подобар од претходно, треба да направам добар план, ротација и стратегија и да ги распоредиме силите за она што ни следи во март и април“, вели Бабиќ.

Еурофарм Пелистер славеше на првиот меѓусебен дуел во Битола, но во финишот го скрши отпорот на гостинскиот тим.

„Се сеќавам на натпреварот во Битола против Металопластика, бидејќи беше тежок дуел. Беше последен натпревар во тој дел од првенството и беше психолошко оптеретување за играчите. Сите тие, па и јас, бевме на пат кон дома и игравме тежок натпревар. Имавме проблеми во првиот дел, губевме и ловевме резултат. Сепак, во вториот дел пронајдовме баланс, посебно дефанзивен, и со индивидуални потези на некои играчи создадовме предност и издвојувавме победа во еден тежок и квалитетен натпревар“, заврши Бабиќ.

Натпреварот меѓу Металопластика и Еурофарм Пелистер се игра утре со почеток во 17:00 часот.