Бабиќ: Вардар е голем клуб, ама нашето време доаѓа – ќе сториме сè да бидеме шампиони!

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, веќе е во татковината и го разработува планот за подготовките на битолчани пред новата сезона, во која тимот го чекаат многу предизвици.

Хрватот во интервју за рускиот „Брз Центар“ откри дека раководството очекува сериозни резултати.

„Пет минути муабет со претседателот Зоран Стерјев беа доволни. Си реков дека е време за нов старт, се спакував и заминав за Битола. Клупското раководство очекува сериозни резултати. Тие ми дадоа до знаење дека во екипата мора да има македонски репрезентативци, но и млади. Во Македонија ме дочекаа со поддршка, а таа ја чувствувам секој ден. Менталитетот е сличен со хрватскиот. Во Битола сите сакаат живот без стрес, да поминуваат многу време надвор, да седат во кафулиња…тоа е нормално“, вели Бабиќ.

Трансфер пазарот во Македонија можеби е најактивен во Европа.

„Во Македонија ракометот е спорт број еден. Друга причина нема за ваквата трансфер војна. Има три сериозни клуба – Еурофарм Пелистер, Вардар и Металург. Нивните буџети се доволно високи“, изјави Бабиќ.

Хрватот вели дека ќе направи се за да го симне Вардар од македонскиот престол.

„Ние сакаме да победуваме на секој натпревар. Кон Вардар мора да се однесуваме со почит – тоа е голем клуб, шампион, но ние ќе направиме се за да бидеме шампиони на Македонија. Не се сомневам дека ќе имаме шанса да го „нападнеме“ Вардар. Јас сум оптимист и уверен сум дека нашето време доаѓа“, вели Бабиќ.