Андоновски: Чекор по чекор да ја вратиме довербата со „Рибари“, и нив и мене Охрид ни е во срцето

Старо-новиот тренер на Охрид, Горан Андоновски заедно со раководството, веќе го форираше ростерот на тимот пред стартот на новата сезона.

Андоновски се врати на кормилото на Охрид по три сезони, а односите меѓу него и навивачите „Рибари“, не беа најдобри.

Но од двете страни има добра волја сите лоши работи да бидат заборавени и заедно да го однесат Охрид на што повисоко ниво.

„Тие се со мене лично, од првиот ден на постоење на клубот, јас нив многу ги почитувам, многу повеќе отколку што мислат. Од првите чекори тие се со Охрид, значи кога немавме никакви финансии, кога 3-4 години се играше волонтерски, потоа уште 7-8 години се играше за минимални финансии, се до доаѓањето на ваучерите пред 3-4 години. Тие беа секогаш со нас, и во добро и во лошо, поминавме многу убави моменти, меѓутоа емоции се емоции, јас сум многу емотивен. Сум се одрекувал од многу работи за овој клуб и ќе продолжам да се одрекувам. Од денес цврсто стојам и ветувам дека ќе го поправам односот меѓу мене и “Рибари”. Не се решава веднаш, но чекор по чекор да го поправиме нашиот однос, да ја вратиме довербата, бидејќи и нив и мене РК Охрид ни е во срцето, мислам дека сите заедно можеме да направиме многу за клубот и за градот“, истакна Андоновски.