Андоновски: Целта ни е опстанок – Кавадарци заслужува да има суперлигаш

Наследник на Томе Петрески на клупата на Тиквеш е Горан Андоновски. Некогашниот тренинг на Охрид му се враќа на ракометот по кратка пауза.

Најважна цел според него за кавадарачани ќе биде да се избори опстанок во Суперлигата.

„После еднаипол година сум во екипа која не сум ја составил, малку е потешко тоа бидејќи во минатите години кога бев тренер на Охрид сам ја составував екипата, сигурно е малку потешко во овој случај. Оваа недела се тренира со ракометарите од Македонија, да ги видам нивните квалитети, а од понеделник и со трите засилувања од есенскиот дел за да видам што може да се склопи. Со мала корекција Тиквеш ќе се покаже во подобро светло и ќе се обиде да се избори за опстанок. Овој град како ракометен центар од минатото го заслужува тоа“, вели Андоновски за 24Ракомет.

Тој ќе остане во Кавадарци најмалку до крајот на сезоната, а доколку двете страни ќе бидат задоволни од соработка, таа би можела да биде продолжена.

„Со раководството на клубот се договоривме да останам до крајот на сезоната. Ќе пробам да составам се што може најдобро. Пак ќе истакнам дека целта е опстанокот, а РФМ треба да размисли за проширување на лигата од следната сезона со цел повеќе ракометни центри во Македонија да опстанат. Ќе дадам се од себе и се надевам како што Охрид го однесов во Европа, така ќе биде и со Тиквеш во иднина“, заврши Андоновски.

Тиквеш во плеј-аутот ќе игра против Прилеп, Младост Богданци, Работнички, КЛ7, Радовиш, Јуниор Кисела Вода и Астраион.