Андоновски: Битолчани се млади и полетни, но ние ќе атакуваме на позитивен резултат

Тимот на Охрид по двата порази на стартот во суперлигашкиот плеј-оф, успеа да оствари две победи над Пролет и над Металург.

Избраниците на Раде Стојановиќ, ги очекува незгодно гостување во Битола кај составот на Еурофарм Пелистер 2, а капитенот Крсте Андоновски вели дека охриѓани и таму одат по позитивен резултат.

„Мечот со Металург го оправда предзнакот дерби, бидејќи беше полн со неизвесност и пресврти. Можам да кажам дека на крајот и среќата не послужи, но кога ќе се сумира се, ние заслуживме да победиме. Сега не очекува средба со Еурофарм Пелистер 2. Сигурен сум дека натпреварот ќе биде многу поразличен, затоа што двете екипи играме различен ракомет. Битолчани се млади и полетни, ние треба да сме водени од искуството. Во овој модерен ракомет кој се игра моментално решава одбраната. Затоа ние ќе се потрудиме да одиграме најдобро што можеме во одбрана, со што ќе овозможиме по(лесни) голови во нападот. На секој меч во плејофот атакуваме на позитивен резултат. Нашите цели се пласман во топ 4 и излез во Европа, затоа мора да победуваме“, изјави Андоновски.

Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Охрид се игра в недела од 16:00 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.