Ангелов повторно меѓу стативите – ќе брани за Вардар Неготино

Поранешниот македонски репрезентативец Петар Ангелов повторно ќе биде активен на ракометните терени. Тој се наоѓа пред камбек во новиот суперлигаш Вардар Неготино, каде бранеше минатата сезона.

Неготинци со неговиот ангажман ќе добијат на уште поголема стабилност меѓу стативите каде што се Александар Мицев и Даниел Ацев, а Ангелов би требало да работи и како тренер на чуварите на мрежата.

Ангелов беше долги години на голот на Македонија, бранеше за Вардар, Металург, Пелистер, Тиквеш и Пролет, а имаше интернационална кариера во турската Анталија, австрискиот Кремс, германскиот Ратинген и францускиот Трембле.

Вардар Неготино го ангажираше искусниот Владимир Глигоров и уште неколку засилувања за оваа сезона во елитната конкуренција и сака да биде стабилен суперлигаш.

По првите две кола, Вардар Неготино загуби од Вардар и од Струга, а во третото коло го пречекува составот на Куманово и ќе се обиде да ги прокнижи првите суперлигашки бодови оваа сезона.