Алушовски: Се подготвуваме со ростерот што го имаме на располагање

Екипата на Вардар се подготвува за продолжението од сезоната, каде ќе очекува напорно темпо и играње натпревари со згуснат распоред.

Во Скопје се подготвува тимот каде недостасуваат играчите што настапуваат за своите национални тимови на СП во Египет.

„Се подготвуваме со ростерот со кој располагаме. Посветуваме внимание на физичката подготвеност, и утринските тренинзи се посветени токму на тоа. Во попладневниот термин повеќе работите на воигрување и некои тактички замисли. Ни недостасуваат шест стандардни играчии, но секако треба да бидеме сконцентрирани на секој противник. Во сабота ќе играме контролен меч со Металург со цел да видиме до каде сме со формата. Нема многу време, и откако ќе се комплетираме верувам дека ќе можеме да имаме барем 1-2 тренинзи во комплетен состав, или речиси комплетен состав. Не очекува напоред период и работиме на тоа да бидеме подготвени“, вели Стевче Алушовски, тренерот на Вардар.

Во моментов на СП 2021 во Египет настапуваат – Стојанче Стоилов, Димитар Димитриоски, Филип Талески и Марко Мишевски за Македонија, Патрик Валчак за Полска, како и Иван Чупиќ за Хрватска.